Thursday, February 25, 2010

Лудвиг ван Бетовен

Лудвиг ван Бетовен
Лудвиг ван Бетовен
Лудвиг ван Бетовен
Лудвиг ван Бетовен

Лудвиг ван Бетовен (германски: Ludwig van Beethoven), крстен на 17 декември 1770 - починал на 26 март 1827) бил германски композитор на класична музика и пијанист. Бил важна фигура во транзициониот период помеѓу класицистичката и романтичарската ера во западната класична музика. Остананува еден од најпочитуваните и највлијателни композитори на сите времиња.

Роден е во Бон, се сели во Виена, во раните дваесетти години од неговиот живот каде учи со Јозеф Хајдн и брзо стекнува репутација на пијанист виртуоз. Слухот му се оштетува во третата деценија од неговиот живот, но продолжува да компонира, диригира и врши изведби, дури и по целосното губење на слухот.


[уреди] Биографија

Роден во елегантниот, но провинциски град Бон, своите најрани музички лекции ги добива од татко си, тежок и неподнослив човек чие предавање на алкохолот го прават Лудвиг практично глава на семејството во своите години на момчештво. Во 1787 патува во Виена и почнува да зема часови кај Моцарт, но студиите траат кратко: мора да се врати назад поради смртта на мајка си. Сепак, се враќа во Виена после три години, каде ќе остане до крајот на својот живот. Продолжува со земањето часови, но сега кај Хајдн (од кого тој „не научил ништо“), потоа со Албрехтсбергер и на крајот со Салиери, од кого го учи Италијанскиот вокален стил. Во Виена, престолнината на музиката во Европа во тоа време, Бетовен се истакнува како виртуоз на клавир од највисок калибар: неговиот првично груб стил, се рафинира откога го слуша пијанистот Јохан Штеркел, по што неговата врвност како пијанист ретко била оспорувана. Пред сè, бил почитуван поради извонредната моќ на импровизирање, без разлика дали било тоа на дадена тема или во развивањето на идејата во рамките на сонатен облик.


Бетовеновиот успех, пред сè, е засенет поради проблемите со слухот, кои почнуваат да го измачуваат веќе во 1797. Во 1802, откога медицинските третмани не донесуваат никакво подобрување, се повлекува извесен период во Хајлигенштад на лечење. Откога и ова се покажува јалово, Бетовен, во пред-самоубиствена депресија, пишува очајничко и жестоко писмо кон своите двајца браќа, првпат отворено откривајќи ја својата болест и објаснувајќи ја причината поради криењето на истата. Наведува и дека својата иднина ја гледа како „прогоненик; во општеството можам да влезам единствено поради најосновните потреби“. Само неговата уметност го има спречено да си го одземе животот: „ми се чинеше невозможно да го напуштам светот пред да го извлечам сето она коешто го чувствувам во себе“.


Сите приказни за Бетовеновата мизантропија, неговата ексцентричност и лудило, датираат од времето на опаѓањето на моќта на слухот, која многу често му причинува и огромна физичка болка. Станува напорен како личност, фрустрациите и лутината поради својата состојба го прават премногу остар, а трпението на неговите блиски роднини и пријатели – редовно е ставано на тест. Карл, неговиот внук и штитеник, станува толку потиштен од цврстината на вукјо си (кој му забранувал да се гледа со неговата мајка), што посегнува по својот живот како би се ослободил од него. И покрај сето тоа, моќта на шармот на композиторовиот карактер е толку голем што тој остварува бројни блиски врски со жени, иако повеќето од нив мажени благороднички, па според тоа и недостижни. Идентитетот на Бетовеновата најголема љубов, „Бесмртната Љубена“, останува мистерија до ден денешен. Најверојатна претпоставка е дека тоа била Антонија Брентано, чиешто најмладо дете многу веројатно го има зачнато тој.


Пркосно на движењата низ аристократското миље, неговиот став кон повисоките класи е прилично рамнодушен. Во срцето тој е републиканец, но тоа никако не би можело да се претпостави: скоро сите негови патрони се благороднички титулирани – почнувајќи од грофот Валдштајн во Бон. Стекнува многу големо пријателство во великодушниот Принц Личновски во 1806 со изјавата: „Имало и ќе има стотици принцови. Има само еден Бетовен.“ Онаму каде што Моцарт и неговите претходници (пр. Хајдн) се виртуози кои им овозможуваат извесен комодитет на нивните патрони во врска со своето творештво, Бетовен инсистира на издејствување на тотална независност и апсолутната важност на себе-изразувањето: „Што е во моето срце мора да излезе и јас морам да го запишам.“


Ако Бетовеновата самодоверба како изведувач драстично се намалува поради глувоста (тој конечно престанува со јавните настапи во 1815), неговите имагинативни моќи како композитор стануваат сè поголеми и поголеми. Со решавањето на матерјалните проблеми од годишната рента овозможена од неговиот ученик и пријател, Надвојводата Рудолф, како и од приходите од уште други двајца благородници, зрелоста како композитор е сигнализирана со третата симфонија, Ероика. Грубо генерализирајќи, пред оваа симфонија, Бетовен како композитор го гледаме сѐ уште во традициите на класиката и 18-от век; после оваа симфонија, најавен е правецот кој денеска го нарекуваме „Романтизам“, правецот кој го одбележува 19-от век.


Декадата која следува после Ероика донесува последователност од ремек-дела: операта „Фиделио“, гудачките квартети „Разумовски“, концертот за виолина, четвртиот и петиот концерт за пијано, четири наредни симфонии, како и неколку брилијантни дела за пијано – особено сонатите, во кои се истакнуваат „Валдштајн“ и „Апасионата“. Овие творби од таканаречениот „среден период“ на творештво, содржејќи голем дел од Бетовеновото генијално мелодиско пишување, остануваат најпознатите, но во смисла на оригиналност и интензитет, најпрекрасното допрва следува. Во средината на 1810-те, по скоро целосното повлекување од надворешниот свет, Бетовен го започнува најголемиот последователен циклус на композиции ремек-дела во историјата: последните пет сонати за пијано, последните пет гудачки квартети, „Дијабели“ варијациите за пијано, Миса Солемнис и, најпознатата од сите, огромната Деветта симфонија, сите вброени во овој „доцен период“ на творештво. Никојпат не колебајќи се во вредноста на своите речиси насилни раскрстувања со дотогашниот стил, традиции и конвенции во компонирањето, неговата последна музика е без никаков претходник, карактеризирана со голема апстракција и контраст; во блискоста на епизодите на громкост и насилство со лирските пасажи кои скоро дека се сомешуваат во тишината; во смисла на агонизирачко себе-откривање.


Како што Бетовен понира во длабочините на интроспекцијата, неговата слава плива на површината толку далеку, што, до 1824, кога неговата последна симфонија ја доживува праизведбата, неговото име и музика се интернационализирани на начин на кој ниту Моцартовото дотогаш не било. Кога тој умира, на 57 години, учесниците во поворката се затекнати од страшно незапаметено невреме кое беснее низ Виена. Се претпоставувало дека починатиот ја тресел тупаницата од небото, додека громови и молњи паѓале врз градот.


[уреди] Црковна музика

Бетовеновата карактеристично лична верба во Христијанството, верба која ги негира конвенционалните обичаи јавните изложувања, беше раздразливо тестирана низ годините на оглувувањето, но двете Миси произлегоа токму во овој период. Првата, Мисата во C-dur, е добро парче Бетовеновска музика. Втората, Missa Solemnis, е парче од најдобрата музика на деветнаесеттиот век.

Веќе кон јуни 1819 година Бетовен му напиша на неговиот ученик, надвојводата Рудолф, кој беше назначен за Надбискуп на Олмуц наредната година: „Денот кога Големата Миса компонирана од мене ќе биде изведена за време на церемониите осветени од Вашето Империјално Височество ќе биде најголемиот ден во мојот живот.“ Многу наскоро тој започна да работи на својата D-dur Миса, Missa Solemnis, но оваа моќна, нескршлива творба, не беше завршена до 1823 година.

Не постои друго парче религиозна музика воопшто напишана, кое би можело да се спореди со Missa Solemnis, како дело во кое излегува на површина борбата на творецот да достигне го внатрешениот мир, со неверојатни динамички контрасти и пасажи кои поставуваат енормни барања од оркестарот, а особено солистите. Можеби највпечатливата секција е Benedictus, масивна, Готска концепција која кулминира во десет-минутно виолинско соло со екстремна убавина која што води, како некоја голема папска процесија, кон Agnus Dei, секција што во себе инкорпорира остра, скоро војничка декламација. Поларната спротивставеност на голем број Миси, е огледана во дезориентираната откриеност на делото, некојпат смирена, некојпат напета, но секојпат длабоко спиритуална.

[уреди] Симфонии

Со деветте симфонии, Бетовен го револуционаризираше оркестарот и ги испреврте сите поранешни приоди кон симфониската форма. Првите две, комплетирани во 1800 и 1802 последователно, се отворено базирани на Моцартовата и Хајдновата музика. Но третата, Eroica, навести тотално нов концепт на мерила. Од петтата до деветтата напето се ослободуваат од притисокот и структурата на класичарските стеги и подвижно продолжуваат кон се повеќе романтичарскиот, субјективен приод кој превагнуваше во средината на деветнаесеттиот век во Европа. Бетовен ја заврши својата Деветта симфонија ви 1824; само шест години подоцна, Ектор Берлиоз ја напиша својата Фантастична Симфонија. Првиот пат целокупниот циклус поставен на снимка се случи во 1930-те од Feilx Weingartner. Од тогаш, над педесет диригенти ги имаат снимано овие неверојатни дела, иако, искрено кажано, некои кои што не требало воопшто да се мачат. Има неколку, сепак, чиј приод ја доловува атмосферата на автентичната волја на големиот автор.


Четврта симфонија, B-dur, Op. 60

Период на компонирање: летото 1806. Издадена 1808 од Kunst und industrie Comptior. Посветена на грофот Франц фон Оперсдорф. Прва изведба: Март 1807

После компонирањето на „Ероика“, Бетовен започна да работи на петтата симфонија, но ја остави на страна кога доби побарување за симфониско дело од страна на грофот на Шлезија, Оперсдорф. Не е познато зошто скиците за петтата симфонија ги оставил настрана, но се претпоставува дека дело од таков тип не би му било по вкус на грофот, но исто така веројатно Бетовен има заклучено дека бурата на петтата симфонија би направила помал впечаток врз слушателите кои беа опчинети од величината и блескавоста на третата, па затоа е потребна композиција со поконтрастна содржина. Грофот бил ревносен љубител на музиката и инсистирал секој кој е во негова служба, да мора да свири на инструмент. Па така оформениот оркестар ја извел симфонијата во дворецот на грофот во 1806 година. Исто така, грофот ја задржал симфонијата 6 месеци додека не му ја отстапил на Бетовен за да ја објави. Првпат за пошироката публика симфонијата е изведена во март 1807 и според Шнидлер, таа добила фаворизирачки реакции од целата поблика: „Нејзиниот допир со публиката остави поголем впечаток отколку било кое негово дело досега…дури повеќе и од симфонијата во Ц-дур“. Виенската критика исто така позитивно ја воспеала новата симфонија.

Бетовеновата четврта симфонија постојано е посочувана (заедно со другите симфонии на парни броеви) – како една од „посветлите“ и непомрачени дела. Оваа карактеризација не е соодветна мерка за нејзината вредност. Самата почнува во, за Бетовен мистериозниот Бе-дур, кој ги дели најдлабоките Бетовенови дела: Триото за пијано „Надвојводата“, сонатата за пијано No.29 и Гудачкиот Квартет No.13. Оваа отфрлувана симфонија е духовита, но сепак, вознемирувачка креација, со првиот став кој потсетува на титанската сила на првиот став од Ероика. Расположението на Adagio-то исто така наликува на погребниот марш од Ероика. Позната е изјавата на Роберт Шуман за симфонијата, дека ова дело личи на „витка Грчка девојка меѓу два Нордиски џинови“, која сепак, не и донесе некоја поголема слава, ниту пак верно до крај ја оцени по нејзината содржина.

No comments:

Post a Comment